Во Струмица има двајца приватни педијатри на 100 000 жители а Дојран, пак е само со еден матичен лекар. Во Валандово е еден гинеколог за цел регион а истата состојба е и во Крива Паланка. Од Здружението на приватни лекари велат дека во многу општини има недостиг од медицински кадар. Од друга страна, пак, во Делчево има 18 матични,но немаат доволен број на пациенти поради иселување на луѓето. Со години алармираат до здравствените власти дека мора да се најде решение за да не се случи повеќе градови да останат без лекари кога сегашните ќе заминат во пензија.
—-Веќе седум години алармираме дека состојбата не е добра и дека ако не се преземе нешто ќе останат општини без лекари. Во Берово, на пример, за пет години пет матични ќе одат во пензија, одат на боледување поради болести и мора нешто да се преземе. Да се направи стратегија а ние предлагаме намалување на годините за специјализација а и на младите лекари да им се даде шанса, вели Лилија Чолакова Дервишова, претседател на здружение на приватни лекари.
Според здружението, состојбата со недостиг од кадар е критична и во Македонски брод, Пехчево, Македонска Каменица и Виница. Една од причините за ова е и заминувањето на младите доктори на работа во странство, за што вчера предупредија и од Лекарската комора. Според нивните податоци, од 220 студенти кои завршуваат медицина во Скопје, дури 173 решени се да работат во други земји.
Од Министерството за здравство велат дека се во постојана комуникација со сите стручни здруженија, ги разгледуваат сите предлози за стимулирање на здравствените работници. По завршување на темелната анализа за кадар во сите ЈЗУ, ќе пристапат кон нови вработувања со одредена динамика.
–Исто така, заедно со стручните здруженија работиме и на Програмата за специјализации, од март/април годинава ќе се зголемат паушалите за дежурства, а паралелно се работи и на постепено зголемување на платите- процес кој ќе се одвива во континуитет, стои во писмениот одговор од МЗ.
Од Министерството велат дека веќе се обезбедени средства за вработување млади специјализанти кои ќе земаат плата во висина на минималната плата, гарантирана за општ лекар.