Денеска се чистеа пристапните патишта и просторот во кругот на комплексот клиники „Мајка Тереза“. Според министерот Арбен Таравари, вакви акции за уредување на заедничкиот простор е предвидено да се организираат неколку пати во текот на годината.
-Направивме анализа за тоа кои се најголеми жалби на пациентите во Клиничкиот центар и во болниците. Апсолутно на прво место беше хигиената. Затоа е и оваа прва акција. Вакви се надевам и други методи што ќе ги користи Министерството во иднина за да се одржи хигиената и надвор и внатре во клиниките, бидејќи тоа е сериозен проблем, изјави Таравари.
Таравари додаде дека во следниот период ќе се работи и на подобрување на хигиената во внатрешноста на болниците. Инспекциските контроли покажале дека нивото на хигиена е незадоволително во неколку здравствени објекти во државата за што веќе се подготвени казни за менаџерите и вработените.
– Веќе размислуваме за идејни решенија и како да го поправиме тоа. Можеби ќе ангажираме надворешни фирми, прво експериментално во две болници. Гостивар и Гинекологија ќе почне една фирма што бесплатно ќе работи и според тоа како ќе бидат задоволни пациентите и лекарите и дали интрахоспитални инфекции се намалени, потоа ќе одлучиме дали тоа ќе го спроведеме на уште неколку клиники каде можеме финансиски, изјави Таравари.