Педијатарката од гинекологија на чие дежурство починаа четири бебиња, 6 месеци ќе зема за 30 проценти помала плата и ќе биде под надзор на специјалист. Половина година ќе оди само прва смена на работа и за тој период ќе остане без субспецијализацијата по неонатологија. Вака одлучила дисциплинската комисија од ГАК, бидејќи лекарката во ист ден направила два прекршоци. Го напуштила работното место веднаш по доаѓање во клиниката и истата вечер одбила да присуствува на итен царски рез кај родилка.
-Комисијата се одлучи на оваа казна бидејќи претходно друга комисија од МЗ констатира дека нема лекарска грешка. Го утврдивме прекршокот на колешката и сметам дека ваквата одлука е исправна, вели др. Сашо Стојчевски, член на Комисијата во ГАК
Според информации на Сител од Гинекологија, педијатараката прво кажала дека го напуштила работното место за да го земе факсимилот. Вториот пат изјавила дека морала да излезе од работа бидејќи ја заборавила униформата. Со одлуката на дисциплинската комисија се согласила и директорката на ГАК.
-Јас се согласувам со тоа. Шест месеци нема да оди на субспецијализација и нема право да дежура во други здравствени установи, вели др. Викторија Јовановска, директорка на Клиника за Гинекологија
Дента кога починаа 4-те новороденчиња, педијатарката дошла на дежурство и по еден час ја напуштила клиниката. Овој случај ги изнесе на виделина и застрашувачките услови за работа на одделот за интензивна нега во најголемото родилиште во земјата. Имаат 55 предвремено родени бебиња а само 22 инкубатори.
Во меѓувреме јавноста ја потресе уште еден смртен случај на Клиниката за детски болести. Вчера починало двеипол годишно дете од Велес кое во лоша состојба со знаци на сепса и воспаление на мозокот било донесено во Скопје. И покрај сите напори на лекарите и соодсветната терапија, детето не ја повратил освеста и починало, информираа од Детска.