Ишијасот, познат уште и како лумбоишијалгија, претставува невралгија која примарно се карактеризира со болка во пределот на телото кој е инервиран од n. ischiadicus.
N. ischiadicus е најголемиот нерв во човечкото тело, кој започнува од долниот предел на грбот и испраќа нервни гранки сè до потколеницата и стапалото.
Главен симптом е остра, жаречка болка пропратена со чувство на трнење, слабост, вкочанетост и здрвување. Во најголем дел од случаите се јавува еднострано, односно од половината се спушта по должината на едната нога.
Одредени положби на телото може да влијаат врз интензитетот на болката, па така болката најчесто се зголемува при исправена положба, одење, клекнување или свиткување во половината, додека во лежечка положба, болката делумно се намалува или целосно исчезнува.
Постојат повеќе причини за појава на овој тип невралгија. Најчесто станува збор за:
Piriformis синдром. Мускулот пириформис се наоѓа длабоко во глутеалната регија (задникот) и е поставен веднаш над n. ischiadicus. Доколку настане спазам на овој мускул, тоа може да направи притисок врз нервот, поради што би се појавиле симптомите на ишијас. Најчести причини за спазам на овој мускул се долги периоди на седечка положба во текот на денот и намалена физичка активност. Но, може да се јави и при извршување на одредени физички активности како трчање или возење велосипед, доколку пред извршување на активноста не се практикуваат вежби за истегнување и зајакнување на мускулатурата.
Херниран интервертебрален дискус во лумбален дел. Внатрешниот централен дел на дискусот може да хернира и да врши притисок врз нервот поради што се јавува болка.
Дегенеративно заболување на интервертебралниот дискус во лумбален дел.Дегенерацијата на дискусите е нормален процес при стареењето, но кај одредени луѓе овој процес во лумбалниот дел, може да направи иритација на n. ischiadicus и да се јави болка.
Инфекции, повреда или тумор.
Бременост. Промените низ кои поминува телото при бременост како зголемување на телесната тежина, притисок од плодот и хормонални промени, може да доведат до појава на ишијас.
Спондилолистеза. Поради мала стрес фрактура настанува дислокација на прешленското тело кон напред, со што се врши компресија на нервот.
Исто така, ишијасот може да се јави секундарно, како резултат на некое примарно заболување како дијабетес.