Јапонија додели грантови на пет Јавни здравствени установи

Јапонија додели грантови во вредност од 428.066 евра на девет јавни институции од Македонија. Грантовите се доделуваат во рамките на Програмата „Грант-помош за поддршка на мали проекти за човекова безбедност“ (ГГП). Оваа година, грантовите ги добија јавни здравствени установи и основни училишта.

Добитниците на грантовите за 2017 година, со имплементација во 2018 година, се 5 јавни здравствени установи и 4 општински основни училишта:

1. Основното училиште „Браќа Миладиновци“ од Куманово, во сателитот Соколана, со одобрените средства во износ од 44.779 евра ќе инсталира нов систем на греење, со што ќе ги замени старите печки на дрва со кои училниците се загреваат откако е отворено училиштето, пред повеќе од 50 години. Исто така ќе се набават и нови прозорци со што во целост ќе се подобри греењето во училиштето, како и безбедноста на учениците.

2. Во прилепската населба Тризла, основното училиште „Добре Јованоски“ доби гранот од 49.456 евра. Наменет е за целосна замена на дограмата во училиштето, основно реновирање на тоалетите и ќе преградување на нова просторија за советување на учениците и родителите, со цел да се обезбедат подобри услови за учење и работа во просториите. Училиштето континуирано работи на социјална инклузија и отстранување на предрасуди кај учениците.

3. Основното училиште „Свети Климент Охридски“ од Битола, освен редовната настава, овозможува и целодневен престој за ученици. Грантот во износ од 52.348 евра ќе се искористи за комплетно реновирање на прозорците и вратите во училиштето, со цел да се подобрат условите за учење и да се подобри енергетската ефикасност на училишната зграда.

4. Општината Долнени доби грант во износ од 44.238 евра за реновирање на училиштето Исмаил Ќемали во село Црнилиште. Училиштето комплетно ќе го реконструира дотраениот кров и ќе инсталира и спроведе нов систем за греење со што сосема ќе ги замени старите печки на дрва во секоја училница. Во Црнилиште учениците ќе добијат безбедна работна средина и загреани училишни простории.

5. Универзитетската Клиника за Гинекологија и акушерство од Скопје ќе набави 40 нови електрични болнички кревети, душеци и основен мебел во износ од 54.166 евра. Преку набавката на оваа опрема, на пациентките кои се опоравуваат од секаков вид на оперативни зафати и пост-породилни интервенции ќе им се овозможи безбедно и удобно закрепнување и ќе се намали ризикот од инфекции.

6. Здравствениот дом „Гоце Делчев“ во Општина Делчево доби грант за набавка на апарат за ултразвук во износ од 33.563 евра. Со помош на овој современ апарат, пациентите од Делчево и околината ќе добијат поквалитетен преглед и дијагностика за кардиоваскуларни заболувања.

7. Универзитетската клиника за Дигестивна хирургија од Скопје ќе реновира два ката од клиниката со набавка и замена на нови врати и прозорци, нов таван и молерисување во износ од 46.370 евра. Безбедноста на пациентите ќе се подобри и ќе се создадат подобри услови за нивно закрепнување, но и за работа на медицинскиот персонал.

8. Клиничката болница од Штип ќе набави две нови медицински возила за транспорт на пациенти во износ од 40.262 евра. Со помош на новите возила ќе се зголеми безбедноста и удобноста на пациентите од Источниот плански регион, особено при транспортот до клиниките во Скопје, Охрид, Битола и Прилеп.

9. Институтот за респираторни болести кај деца – Козле ќе обезбеди нов апарат за ултразвук и 10 монитори за кислород во износ од 62.794 евра. Новата опрема ќе овозможи прецизна и точна дијагностика кај пациентите во клиниката, а воедно ќе го олесни целиот процес на воспоставување дијагноза, соодветна терапија и постојано следење на состојбата при проток на кислород кај децата.

гинекологијагрантовијапонијапари