На костените им се припишуваат бројни лековити својства, а поради големата енергетска вредност, тие посебно им се препорачуваат на спортисти и деца.
Помагаат кај бубрежни и дигестивни тегоби, а чајот од костени делува врз ублажување на симптомите на астма и бронхитис.
Костените се појавуваат и консумираат уште во предисторијата, на просторите на Медитеранот и Азија. Во почетокот, тие биле одгледувани во Кина и Јапонија, а потоа римските легии ги донеле и во Европа. Познато е дека печените костени биле продавани на улиците во Рим во 16-от век, а опојниот мирис уште тогаш се ширел низ улиците на градот, токму како што се шири и денес.
Плодот на костенот има црвенкасто-кафеава боја и мазна површина. Расте во внатрешноста на бодликава кошулица која се распукнува во есен, кога плодот созрева. Костените припаѓаат на групата на јаткасти плодови, но од своите “роднини” (оревите, бадемите и лешниците) се разликуваат по нискиот удел на масти и високиот удел на скроб и се единствени јаткасти плодови кои содржат витамин Ц. Костените се одликуваат со посебна текстура и сладок, благ вкус.
По нутритивниот состав, костените се слични на интегралниот ориз, а се одличен извор на елементи во траги (минерали кои нѝ се потребни во многу мали количини). Костените се одличен извор на витамин Б6, а исто така се и добар извор на калиум и фолна киселина како и прехранбени влакна кои се неопходни за правилно функционирање на дигестивниот систем.
Костенот е намирница која се одликува со малку поголема енергетска вредност, со тоа што 100 грама печен костен содржи околу 245 калории. Иако плодот е многу хранлив, тој тешко се дигестира. Интересно е тоа што печениот костен содржи повеќе витамини, а варениот – поголема количина на минерални состојки.
Релативно високата енергетска вредност која се должи на високото ниво на скроб го прави костенот одличен избор за спортистите, лицата кои се изложени на телесни напори како и децата.
Со оглед на тоа што изобилуваат со калиум, а истовремено се сиромашни со натриум, костените совршено се вклопуваат во исхраната на лицата со кардиоваскуларни и бубрежни заболувања. Исто така, прехранбените влакна кои тие ги содржат можат да им помогнат на лицата кои имаат нередовна столица.
Чајот од костени е познат народен лек против респираторни проблеми како што се бронхитис и астма, додека кората и дрвото од костенот, поради големото количество на танин се употребуваат како астригенси.