На голема врата се враќаат опасни заразни заболувања поради пролонгирање или одбивање на задолжителното вакцинирање на децата. Две бебиња, едното од Скопје, а другото од Струмица, изминатите два месеци заболеле од голема кашлица или кај народот позната како магарешка. Дијагнозата им била докажана и клинички и лабораториски. Не ја примиле вакцината Дитепер која штити од оваа тешка болест.
-Ова се загрижувачки податоци и се враќаме во минатото кога нема колективен имунитет и тогаш компликациите од болестите кои до сега се штитеа со вакцини можат да бидат и многу сериозни, вели д-р Аспазија Софијанова директор на Клиника за детски болести
И минатата година имаше четири случаи на заболени со голема кашлица меѓу кои и 16 годишен тинејџер кој бил вакциниран. Софијанова вели дека родителите кои одбиваат вакцинација не се ни свесни на каков ризик ги изложуваат децата но и околината. За директорката на Детска клиника бенефинот од имунизацијата е многу поголем од стравот.
-Нема докази за аутизам и други заболувања кои наводно настануваат со вакцини. Мислат дека децата ќе им бидат поздрави ако не добиле вакцина, но не знаат што може да се случи со намалување на колективниот имунитет и опасноста да се вратиме во минатото, вели Софијанова.
Епидемијата на морбили со стотина смртни случаи во неколку европски земји и опасноста да се појаватг и во Македопнија, според педијатрите треба да биде доволен аларм до антивакциналните кампањи дека треба да престанат во интерес на здравјето на децата.