И после два месеци сеуште не се знае од што почина родилката од Гевгелија

Од што почина родилката Елизабета Динева од Гевгелија? Два месеци по смртта, се уште нема официјален извештај од патологија кој треба да покаже зошто пет дена по породувањето, Динева со епилептични напади завршила прво на скопска Неврологија а потоа и на КАРИЛ каде по две недели во кома починала. Неофицијално, според информации на Сител, патолошкиот наод е готов но стручните лица не успеале да ја откријат причината за трагичниот исход. Дел од лекарите, како што дознаваме, се сомневале и на воспаление на мозокот предизвикано од вирус кое не можело да се види на снимката од компјутерска томографија, но и тоа не било докажано со патолошките анализи. Работата ја завршила и Комисијата формирана од Министерството за здравство, кои не откриле лекарска грешка за случајот со Динева. Неофицијално, од медицинската документација што им била на увид утврдиле дека била третирана по сите протоколи.
И семејството на Елизабета ги чека извештаите, за да одлучат дали и што ќе преземат за случајот да биде расчистен до крај. Сопругот на починатата родилка по нејзината смрт за Сител изјави дека се сомнева на пропусти во здравствените установи.
Од кабинетот на министерот за здравство велат дека нема да коментираат се додека не ги добијат комплетните извештаи од комисијата и патологија.
31 годишната Динева на 29 јуни родила ќерка, а по пушташњето од болница настанале компликации по што заврши на скопските клиники каде и почина.

гевгелијаклиникикомисијалекариобдукцијародилкасмрт