Татко и син од гостиварско Симница починаа од тешко заразно заболување на Клиниката за инфективни болести. Едниот починал веднаш а другиот три дена по приемот. Здравствените власти испитуваат која е причината и каква е болеста што довела до брза смрт. Уште четири лица од истиот регион се хоспитализирани, но според инфектолозите се во добра состојба. Претседателот на Комисијата за заразни болести вели дека се сомневаат на повеќе болести кои се пренесуваат од животни или инсекти. Неофицијално, станува збор за хеморагична треска која ја добиле од глувци. Надлежните велат дека нема простор за паника а Инфективна не е во карантин туку само заразените се изолирани во посебни соби.
– Донесени се со висока температура и пролив. Инфекцијата ги зафатила црниот дроб, бубрезите и други органи. Се пренесува од животни на луѓе, низок степен на опасност од пренесување од човек на човек, изјави проф.др. Звонко Миленковиќ, претседател на Комисија за заразни болести.
Тим од епидемиолози се на терен во Симница каде треба да дознаат која е причината и болеста од која двајца починаа а четворица се хоспитализирани на Инфективна. Засега надлежните велат дека нема простор за прогласување на епидемија во гостиварското подрачје.
-Битно е дека станува збор за состојба која има низок степен на пренос од човек на човек и нема простор за паника, изјави Миленковиќ.
По смртта на таткото и синот, инфектолозите потврдуваат дека постои мала паника кај населението во тој регион, и има такви кои и без симптоми бараат лекарски совет.