Менаџментот и стручниот колегиум на ЈЗУ Универзитетска клиника за хематологија – Скопје изразува благодарност до организациите Транспарентност Македонија и Здружението на граѓани за борба против рак „Борка“ кои позитивно одговорија на нашето барање за делегирање и вклучија свои претставници за мониторирање на целокупниот процес на јавни набавки. Согласно член 30, став 1 од Законот за јавни набавки, со својство на надворешни стручни лица кои не се вработени на клиниката, со делегирана надлежност да го следат и да вршат увид во начинот на кој се реализираат јавните набавки на клиниката, назначени се Ана Јаневска Делева и Биба Додева Христова.
Уверени сме дека со овој чекор за унапредување на соработката со НВО секторот воспоставуваме највисоки стандарди за отчетност и транспарентност во процесот на спроведување на јавните набавки. Искрено веруваме дека преку ваквиот пристап пациентите и целата јавност во Република Македонија ќе добијат поголема сигурност во квалитетот на здравствени услуги и лековите кои се неопходни за нивно лекување. Несомнено е дека даночните обврзници имаат целосно право да знаат и во секое време да имаат увид на кој начин и за кои цели се троши секој нивен денар. Наша обврска е тоа да го овозможиме преку вклучување на највисоко ниво на јавност во нашето функционирање. Се надеваме дека ЈЗУ Универзитетска клиника за хематологија – Скопје ќе стане пример кои ќе го следат сите јавни здравствени установи со цел сите заедно да придонесеме за враќање на довербата на граѓаните во јавното здравство.