Нови 128 болни од грип се регистрирани изминатата недела (од 25 декември до 31 декември) во Република Македонија. Ова е значително зголемување во споредба со неделата пред неа (18 декември до 24 декември) кога беа регистрирани 104 заболени лица, се наведува во извештајот што на својата веб страница го објави Институтот за јавно здравје на Република Македонија.
Од Институтот наведуваат дека бројот на регистрирани случаи изминатата недела е повеќекратно помал споредно со истата недела од мината сезона кога беа регистрирани 9.485 случаи.
Најголем број заболени (88) се пријавени во возрасната група од 15-64 години, додека најголема инциденца од 11,2 на 100.000 жители е регистрирана кај децата на возраст од 5-14 години.
Најголем број заболени (25 случаи) и највисока инциденца од 90,1/100.000 е регистрирана на територија на Подрачната единица Дебар.
Во сезоната 2017/2018 вкупниот број пријавени случаи со заболувања слични на грип изнесува 1.082.