Ги запознаваме ретките болести 2022 – Синдром на имун дефицит, центромерна нестабилност и лицеви аномалии

Во месецот со најмалку дена во годината, во месецот кој пациентите со ретки болести го викаат „свој“, месецот кој е редок по своите ретки 28 дена и оваа година, четврта по ред, ќе се обидеме поблиску да Ве запознаеме со ретките болести.

Да ги дознаеме предизвиците и проблемите со кои се соочуваат. Како ја добиваат дијагнозата? Дали има некаков лек? Колку и дали воошто се пристапни и достапни лековите?…

Синдром на имун дефицит, центромерна нестабилност и лицеви аномалии

ICF syndrome; Immunodeficiency, Centromere Instability and Facial Anomalies

MKБ – 10: D 84.8

Прeваленција/распространетост: <1/1.000.000

Овој синдром припаѓа на групата имунонедостаточни (имуни дефицити, имунодефициенции) заболувања. Состојбата најпрво се манифестира во раното детство со чести инфекции, а се карактеризира и со карактеристични лицеви црти (хипертелоризам – широко поставени очи; епикантни набори – кожен набор на горниот очен капак што го покрива внатрешниот агол на окото; ниско поставени уши и макроглосија – голем јазик), успорен раст и развој, и пречки во психомоторниот развој. Нивото на имуноглобулините (протеини во крвта кои се одговорни за имунитетот) е ниско, и ова се однесува на сите имуноглобулински класи (ИгА, ИгМ, ИгГ, ИгЕ). Оваа болест е ретка, со помалку од 50 пациенти низ целиот свет, а за првпат е опишана во доцните 70-ти години на минатиот век. Во последниве години, бројот на дијагностицирани случаи се зголемува што укажува дека болеста е почеста отколку што се мисли.

Причини, наследување и генетско советување:

Станува збор за автозомно рецесивна генетска состојба која се должи на патогени генетски варијанти во еден од следниве гени: ДНМТ3Б, ЦДЦА7, ХЕЛЛС, ЗБТВ24 (DNMT3B, CDCA7, HELLS, ZBTB24). Оваа болест се наследува автозомно рецесивно, што значи дека пациентот наследил по една патогена варијанта од двајцата родители кои се здрави носители на болеста (хетерозиготи). Пациентот е или хомозигот (од двајцата родители е наследена истата патогена генска варијанта) или сложен хетерозигот (од двајцата родители е наследена различна патогена генска варијанта). Веројатноста болеста да се повтори во некоја од следните бремености во семејство каде има дете со овој синдром, а и двајцата родители се носители, е 1 од 4 (или 25 %), а веројатноста болеста да не се повтори во некоја од следните бремености е 3 од 4 (или 75 %).

Клиничка слика:

Имун дефицит – и покрај присуството на Б – клетки, речиси сите пациенти со овој синдром се здобиваат со тешки инфекции уште во раното детство, речиси сите имаат тешки респираторни инфекции, а околу половина имаат гастроинтестинални инфекции. Други опишани облици на инфекции се перикардитис, ушни инфекции, сепса и орална кандидијаза (габична инфекција на усната шуплина). Лабораториски, имуниот дефицит се манифестира во спектар од благ недостаток на имуниот одговор до агамаглобулинемија, со ниски и/или отсутни ИгГ, ИгМ и/или ИгА. Половина од пациентите имаат низок број на Т – клетки, а помал број пациенти можат да имаат и намален број на Б – клетки. Специфични црти на лицето (дизморфија) – лицевите промени кај овој синдром можат да бидат многу благи и се различни кај различни пациенти. Најчестите знаци се рамен мост на носот, широко поставени очи, кожен набор на горниот очен капак што го покрива внатрешниот агол на окото. Поретко се забележуваат ниско поставени уши, мали уши и голем јазик. Психомоторна попреченост во развојот – околу 1 од 5 пациенти со овој синдром покажуваат знаци на интелектуална попреченост и/или невролошки знаци. Психомоторниот развој е обично забавен, а понекогаш се присутни атаксичен од и мускулна хипотонија. Дијагноза:

Дијагнозата се базира на клиничкиот сомнеж за овој синдром, кој поставува индикација за цитогенетско тестирање со стандарден кариотип – наодот на мултирадијални хромозомски структури е во прилог на дијагнозата. Најчесто хромозомските прекршувања се во близина на центромерите на хромозомите 1, 16 и поретко 9, и краците од овие хромозоми учествуваат во формирањето на мултирадијалните структури. Дефинитивната дијагноза на оваа болест се поставува со молекуларно генетско тестирање (целно тестирање на еден ген, панелно тестирање на гените поврзани со имуните недостатоци, или пошироко тестирање на егзомот) и наод на хомозиготност за патогена варијанта во еден од поврзаните гени или на две патогени варијанти наследени од двајцата родители. Кај семејствата кај кои двајцата родители се носители на патогени генетски варијанти поврзани со овој синдром, можна е пренатална дијагноза преку хорионска биопсија или амниоцентеза. Одлуката за пренаталното тестирање се спроведува со сензитивно генетско советување кое им помага на родителите да ја донесат одлуката која е во согласност со нивните вредности и верувања. Третман: Лекувањето на оваа состојба речиси секогаш вклучува редовни интравенски инфузии на имуноглобулини во текот на целиот живот. Во последниве години се направени обиди за лекување со трансплантација на коскена срцевина.

За проектот:

Гордана Лолеска, Супер радио и Здружението „Живот со предизвици“ и овој февруари, во рамките на четвртата сезона од проектот „Ги запознаваме ретките болести“, Ве запознаваат со ретките болести во Република Македонија, со надеж дека преку овие нови 28 ретки дијагнози сите заедно ќе успеене да го кренеме гласот за проблемите со кои се среќаваат лицата со ретки болести, но и нивните семејства. Првиот ден на ретки болести беше одбележан во 2008 година, точно на 29-ти февруари, „редок“ датум кој се случува само еднаш на секои четири години. Од тогаш, Денот на ретки болести се одржува секоја година на последниот ден од февруари, месец познат по тоа што има „редок“ број на денови. Денот на ретките болести е меѓународна кампања за подигнување на свеста за ретките болести. Од почетокот во 2008-ма година, илјадници настани се организираат низ целиот свет и опфаќаат милиони луѓе. Кампањата започна како европски настан и со текот на времето стана глобален феномен, со учество на над 90 земји од целиот свет во 2018 година. Република Македонија за прв пат се вклучи во одбележување на овиј редок ден во 2013-та година. Кампањата за Денот на Ретки Болести е за пошироката јавност, за релевантните институции и секој е добредојден да се приклучи: пациенти и семејства, организации на пациенти, медицински професионалци, истражувачи, фармацевтска индустрија, јавни здравствени институции – колку повеќе не има, толку подобро. Денот на ретките болести е можност за учесниците да бидат дел од глобалниот повик кон креаторите на политики, истражувачите, компаниите и здравствените професионалци повеќе и поефикасно да ги вклучат пациентите во истражувањата за ретки болести. Вклучете се!