Гинекологија ќе го тужи за насилно однесување таткото кој тврди дека му ја нема родената ќерка и му покажале бебе со друго презиме. Тужба против ГАК најави и Јован Волчев поради претрпен стрес, погрешни информации за новороденчето и арогатно однесување на клиничкото обезбедување. И Волчев и од клиниката случајот го пријавиле во полицијата. Од МВР за Сител изјавија дека имаат две пријави и работат на утврдување на вистината. Во вчерашниот инцидент се вклучи и министерството за здравство од каде велат дека немало замена на бебе.
–Не постои никаква ситуација во која бебе недостига или било заменето. Бебињата на таа возраст ги идентификуваме со бројчиња, а не со имиња, и сето тоа било како што треба. Утврдивме дека станува збор за недоразбирање меѓу семејството на бебето и медицинскиот персонал кое потоа прераснало во кавга, изјави Венко Филипче, министер за здравство
По вчерашната драма на ГАК, од најголемото родилиште ги демантираат тврдењата на таткото и велат културно го информирале за редот на клиниката. Сепак, нема одговор за тоа како му било покажано новороденче со друго презиме и дали имаат проблем со водењето на евиденцијата. Волчев, пак, вели дека вчера со часови бил изложен на стрес заедно со неговото семејство.
– Ми рекоа во девет часот има визита дојдете подоцна, отидовме во десет и тогаш ми викаат такво бебе со тоа име нема, но дојдете накај 11.30, отидовме и пак викаат не може да го видите заради историјата на мајката а подоцна кога ве повикав и вас ми покажаа бебе со презиме Василевска, но од кај да знам јас дека тоа е мое бебе може има повеќе василевски во болницата, вели Јован Волчев од Скопје.
Од Гинекологија најавија дека ќе прават промени и ќе има нови правила кога, како и кој може да ги посетува бебињата на ГАК. Сомнежот за замена на бебиња предизвика лавина од реакции по социјалните мрежи. Пред десет дена мајка ја напушти Клиниката со туѓо бебе.