По 300 евра за овој месец ќе добијат сите 780 аптеки кои работат со Фондот за надминување на кризата со недостигот на лекови на рецепт. Оваа итна мерка која стапува на сила од денес, Фондот за здравствено осигурување ја донесе под притисок на јавноста која алармираше за овој сериозен проблем. Парите ќе ги делат линеарно за сите иако има аптеки во помалите населени места кои не ги потрошиле квотите. Фондовските директори за кризата со лекови прстот го вперија во пациенти кои правеле домашни залихи но и аптеки кои не сакале квотата да ја трошат за скапа терапија.
… ,Ова го правиме да се намали притисокот.Ова не е најидеално решение, но не знам ни дали има идеално. Постојат предизвици и недостатоци во системот и потребни се реформи, изјави Ден Дончев директор на ФЗОМ
И во јануари и февруари осигурениците не можеа да ја најдат неопходната терапија после 15-ти во месецот. Од Фондот без прецизен одоговор зошто не ги зголемиле квотите уште на почетокот од годината . Но презентираа примери за нерационално пропишување на лекови кои влијаеле на зголемената потрошувачка.
-Во еден град во неколку аптеки еден ист пациент во 2017 подигнал 23 рецепти за еден лек пропишани од еден ист лекар, иако, годишно му се потребни само 8 рецепти за таа терапија, вели Дончев.
Директорите на Фондот со најава дека е неопходна анализа дали граѓаните се поболни или без потреба се пропишуваат рецепти, бидејќи во 2008 имало десет милиони а десет години подоцна 23 милиони издадени рецепти.
Како краткорочна мерка најавија дека до крајот на годината буџетот за лекови ќе биде зголемен за 100 милиони денари. Долгорочно, планираат електронски интегриран систем без квоти. Но за тоа велат ќе бидат потребни неколку години.