Филипче вети дека нема повеќе да има инсулинска криза а ќе ја подобрува и процедурата за ретки болести!

Процедурата за набавка е виновна за инсулинската криза во земјата. Ова на првата прес конференција во јавноста го изјави Венко Филипче, кој по три месеци преговарање седна во министерската фотеља во здравство. Тврди дека во моментот има доволно инсулин како донација, иако здруженија на дијабетичари вчера преку отворено писмо побараа проблемот со немањето на терапија да го реши премиерот Заев. Овој месец имаше недостиг на инсулин и поради проверка на квалитетот на цела пратка од страна на Агенцијата за лекови. Од МАЛМЕД соопштија дека дистрибутерот заработи прекршочна пријава поради несоодветна документација а лекот кој се покажал како безбеден е пуштен во промет.

–Ова што се случи, нема повеќе да ни се случува. Проблемот е во процедурата, дека добавувачот нема обврска доволно време однапред да ја набави претходната количина, па затоа процедурата ќе се менува, за да може да се обезбедат и залихи, изјави министерот за здравство Венко Филипче.

Покрај инсулинската криза, Филипче вети дека ќе го реши и проблемот на пациентите со ретки болести кои со месеци молат за лекови а еден од нив почина на Пулмологија и не дочека да ја прими терапијата која беше донација.

– Ќе видиме со министерство за финансии да се зголемат средствата за тие лекови и подобрување на законската регулатива и сите постапки во врска со нивната набавка за да се спречи евентуален нивен децифит. По подолго време ќе заседава и Комисијата за ретки болести, вели Филипче.

болестиинсулинпопуларнореткифилипче