Филипче ќе бара од Шилегов да ја повлече одлуката за двојно зголемување на цената за паркинг за вработените од Клинички Центар!

Министерот за здравство утре на итна средба со надлежните од Град Скопје. Филипче ќе бара да биде повлечена од дневен ред на Советот одлуката на Градски паркинзи, вработените од скопските клиники да плаќаат повеќе од двојно поскап паркинг. Од ова јавно претпријатие бараат здравствените работници наместо 350 како досега во иднина да издвојуваат по 800 денари месечен надомест.

-Утре имам средба со надлежните и ќе инсистирам ова да не се случи, односно, цената да си остане како и досега. Ги прочитав реакциите по социјалните медиуми од лекарите и другите здравствнеи работници и затоа ќе имам средба, изјави Венко Филипче, министер за здравство.

Инаку одлуката на Градски паркинзи наиде на огромен револт кај вработените од Клинички центар. Иронично коментираат  дали ова е една од мерките за задржување на медиицнскиот кадар во земјата. Остра во своите критики е и советничката во Град Скопје од Левица  Драгана Велковска, која на социјалните мрежи прашува кој и врз основа на каква анализа одлучил вработените на клиниките да плаќа двојно повисока цена за паркинг.

–  Дали на изготвувачот на оваа и на секоја претходна одлука што опфаќа НАПЛАТА НА ПАРКИНГ НА РАБОТНО МЕСТО ЗА ЗДРАВСТВЕНИ РАБОТНИЦИ не му текнало дека овие лица вршат дејност која е во функција на заштита и на неговото здравје и на здравјето на неговите блиски или тој и неговото семејство се лечат на приватно?! Дали изготвувачот на срамнава одлука е свесен дека здравствените работници некогаш и по половина час до час треба да дојдат порано на работа за „да фатат место“ бидејќи немаат загарантиран паркинг-простор (ама имаат загарантирана наплата за него!)?, пишува Велковска.

Иако побаравме одговор од портпаролот на Град Скопје зошто е донесена ваква одлука, ни одговори да почекаме до утре. Во меѓувреме, за утрешната седница на Советот предлогот на Градски паркинзи е 14-та точка на дневниот ред.

одлукапаркингфилипчешилегов