Бараме партнер, кој ќе биде универзитетска болница од ЕУ, со цел експерти, посебно за работи коишто не се изведуваат кај нас, да пратат доктори кои во Македонија ќе ги тренираат нашите доктори, вели министерот за здравство Венко Филипче во неделното интервју на Радио Слободна Европа.
– Работиме и на план за едукација генерално на сите доктори во нашата држава и тоа како преку соодветни тренинзи во странство, но соодветно долго за да може да го стекнат нивото на експертиза, така и на носење на експерти локално во нашите услови. Бараме партнер, кој ќе биде универзитетска болница од ЕУ, веќе разговаравме со Министерството за здравство од Бугарија, имаме и разговори и со една болница од Германија со цел експерти, посебно за работи коишто не се изведуваат кај нас, да пратат доктори кои ќе бидат присутни овде и во локални услови ќе ги тренираат нашите доктори и на тој начин во локални услови нашите доктори ќе го подигнат нивото на знаење и тоа ќе го аплицираат во својата секојдневна работа – вели Филипче.