Европската комисија денеска го усвои правилото со кое периодот на важење на сертификатите за вакцинација се ограничува на девет месеци, односно 270 дена од целосната вакцинација.
Истовремено, усвоени се правила за координирање на сертификатите, за јасно да се разликуваат доказите од примената примарна вакцинација, од оние кои се однесуваат на бустер дозите.
“Новите правила ќе обезбедат мерките, кога станува збор за патувањата, да се основаат на најдобрите достапни научни докази и објективни критериуми. Континуираната координација е од суштинско значење за функционирањето на единствениот пазар и ќе им пружи јасни упатства на граѓаните на ЕУ во остварувањето на нивните права за слободно движење”, изјавил портпаролот на Комисијата, Кристијан Виганд.
Во ЕК велат дека овој сертификат ќе се однесува на потребите за патување внатре во ЕУ, а дека “јасниот и еднообразен период” на прифаќање на сертификатите за вакцинација ќе гарантира продолжување на координацијата меѓу ЕУ27 кога станува збор за транзитот на луѓе.