Две бебиња утрово починаа на Детската клиника во Скопје. 4-месечно девојче од Гевгелија пред два дена во многу тешка состојба било хоспитализирано на одделот за Интензивна нега, а во вториот случај се работи за предвремено родено бебе со компликации и од Гинекологија веднаш било префрлено на детска. Од Клиниката велат дека се работело за бебиња со сериозни вродени заболувања.
– Сите најтешки случаи доаѓаат тука. Ние докторите и покрај тоа што имаме можности од опрема и знаење не секогаш можеме се да излечиме. Се случува тешки деца и да починат. Тоа се тешки деца кои престојуваат во интензивна нега на машини. Голем дел од нив преживуваат со овие можности и со несебичната заложба на докторите и на сестрите, но не секогаш тоа е возможно, изјави доц. д-р Катерина Ставриќ, директор на Клиниката за детски болести во Скопје.
4-месечното бебе од Гевгелија и претходно на два пати било хоспитализирано на Клиниката за Детски болести. Било родено со тежок синдром кој зафаќал повеќе витални органи и ја отежнувал работата на срцето и белите дробови. , а респираторна инфекција дополнително ја влошила состојбата.
-Станува збор за синдром кој и во литературата има висока смртност. Обично овие деца не ни преживуваат шест месеци, а многу ретко година дена. Така што станува збор за директна последица на инфектот која доведе до ваков исход. Тоа е белодробен инфект, бронхиолит, како бронхит, третирано е во матичната установа. Матичниот доктор неколку дена го лекувал со антибиотици, со инхалации и поради неподобрување е донесено со возило на Итна медицинска помош на нашата Клиника, рече Ставриќ.
Вчера од министерството за здравство потврдија дека уште едно новороденче минатата недела починало во Кичевската болница. 30 годишната мајка поради компликации била породена во Охридкста болница во 34-тата недела, но женското бебе веднаш по раѓањето било реанимирано и го приклучиле на кислород за дишење, во меѓувреме му дале антибиотска терапија и инфузија. На пат кон Скопските клиники, состојбата дополнително се влошила и дежурните лекари го однеле во болницата во Кичево каде не успеале да го вратат во живот.
Сеуште се чекаат резултатите од обдукцијата која треба да даде одговор од што починало 2,5 годишното девојче во саботата во охридската болница.
За 10 дена 9 деца починаа во неколку здравствени установи во земјава.