Два нови случаи на пертусис во Куманово

Четириесетгодишен жител на Крива Паланка и петгодишно дете од Куманово се новорегистрирани заболени од пертусис во Центарот за јавно здравје Куманово, информираа денеска надлежните од установата.

Возрасниот пациент е регистриран на 23-ти февруари, додека петгодишното дете е пријавено на 16-ти февруари годинава.

– Потврден е во Институт за јавно здравје, не е хоспитализиран, на домашно лекување е, изјави доктор Едита Рамизи, од ЦЈЗ Куманово.

Четириесетгодишниот маж е целосно вакциниран со сите примени дози на вакцината. Детето на петгодишна возраст е лабораториски случај потврден во приватна лабораторија. Момчето, како што соопшти докторката, не е вакцинирано и не посетува градинка. Тоа е на домашно лекување со терапија.

Центарот за јавно здравје претходно соопшти дека има три случаи на деца со пертусис.

Три деца од Куманово, две од исто семејство на четиригодишна возраст и 13 месеци и уште едно 18 месечно дете, беа заболени од пертусис до 9 -ти февруари годинава. Сите беа лабораториски потврдени случаи, невакцинирани и не посетуваат градинка.

Претходно, од Здравствен дом Куманово информираа дека расте интересот за вакцинација. Родителите кои досега од различни причини не ги вакцинирале децата, сега ги носат во здравствените пунктови

– Со зголемување на бројот на заболени од пертусис почна да се зголемува бројот на вакцинирани деца. Родителите ја забораваат ревакцината, бидејќи следува после примање на МРП вакцината. Сметам дека секој ја има видено видеоснимката од бебето кое не може да земе здив од болеста, така што и сега родителите се поисплашени, доаѓаат да ги вакцинираат бебињата и поголемите деца. За жал, имаме деца на четиригодишна возраст со ниту една примена доза, што е загрижувачки, изјави д-Валентина Богоевска-Димитриевска од диспанзер Куманово.

И од двете јавни установи апелираа родителите да ги вакцинираат децата за да не се враќаат заборавените болести во регионот и државата.