ДСЗИ: Забрана за невакцинирани деца во градинките од понеделник

Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) денеска ја доби одлуката од министерот за здравство, врз основа на препораките од Комисијата за заразни болести, да изврши вонредни инспекциски надзори и забрани прием на деца во предучилишни установи, кои не се имунизирани, или се нецелосно имунизирани со ДТП, информираат попладнево од Инспекторатот.

– Вонредните инспекциски надзори ќе започнат во понеделник, 11 март, со издавање решение за забрана на прием на деца, кои не се имунизирани или се нецелосно имунизирани со ДТП, како и други наложени епидемиски мерки, појаснуваат од ДСЗИ.

Исто така, додаваат оттаму, ќе се задолжат одговорните лица во предучилишните установи да изготват список на сите невакцинирани деца со ДТП.

– Да не се примаат деца со други инфективни заболувања, како и за секое зголемено отсуство да биде известен Центарот за јавно здравје – Скопје, истакнуваат од Инспекторатот.