Детската клиника имала медицински сестри кои работеле со договор на дело, ама истиот им завршил пред менаџментот да одлучи да го затвори на еден ден хематолошкиот оддел. На истите деновиве им бил продолжен работниот ангажман на одредено време.
– Тие претходно беа инволвирани по одделите. Очекуваме одобрување за вработување на дополнителни 20 сестри. Има поголема потреба од сестри, но и со овие 40 медицински сестри ќе се подобри состојбата, изјави д-р Катерина Ставриќ, директор на Клиниката за детски болести.
Дополнително до крајот на неделата на Детска треба да почнат да работат уште 20 медицински сестри кои ги најави министерот за здравство. Во меѓувреме Клиниката кубури и со специјалисти на сите оддели.
– Ние сме Клиника со 13 оддели и секоја супспецијалност има двајца до тројца специјалисти, тоа е премалку за да се организира работата, а посебно имајќи предвид дека дел од докторите дежураат покриваат одделение, супспецијалистичка амбуланта, професорите се вклучени во настава, во едукација…Има потреба од повеќе доктори по одделите, рече д-р Ставриќ.
Покрај кадар од Клиниката додаваат дека имаат потреба и од нова апаратура за попрецизна дијагностика, но како што велат потребен е пред се кадар кој што ќе работи на неа.