Психо-социјална помош и поддршка на децата заболени од малигни болести на Универзитетската клиника за детски болести и нивните родители, помош тие полесно да поминат низ процесот на лекување, но и надминување на стигмата дека ракот е неизлечива болест, ќе им се овозможи во Дневниот центар „Собата на Жозеф”, кој денеска беше отворен денеска на Универзитетската Клиника за детски болести.
Центарот се отвори на иницијатива на Здружението „Борка-за секој нов ден“, а покрај другиот третман децата ќе имаат и пристап до семеен терапевт, кој ќе им понуди стручна помош која е клучен сегмент во лекувањето и евентуалното излекување на ова тешко заболување.
Во Центарот ќе бидат ангажирани учителки, кои ќе им помагаат на децата во учењето, а тоа ќе им даде дополнителна надеж дека ќе оздрават и еден ден ќе се вратат во школските клупи заедно со своите дручарчиња. Децата ќе имаат свое катче, каде волонтерите ќе организираат разни активности и игри со дечињата, со кои ќе им се отргне вниманието од разните испитувања, боцкања, болки и грижи додека престојуваат во болницата.
На отворањето на Центарот присуствуваше и министерот за здравство Венко Филипче, кој изјави дека психо-социјална помош и поддршка е составен дел на секое лекување и дека треба соодветно и системски да се пристапи за тоа да се воведе како нов метод кој ќе се примени посебно кај најмладите пациенти со цел полесно да ги пребродат деновите поминати на Клиниката.
– Психо-социјална поддршка во многу современи земји е составен дел од секое лекување. Во Центарот преку игра, преку разговор, преку соодветни часови на децата ќе им биде овозможено полесно да ги поминат деновите во болница и да ги надминат најтешките свои мигови. Истовремено работиме на реновирање на еден простор кој ќе биде соба каде ќе се сместат родителите од внатрешноста, а чии деца се лекуваат на Клиниката, рече Филипче.
Најави дека заедно со Институтот за психологија планираат да воведат психо-социјална поддршка и за другите онколошки пациенти.
Претседателката на Здружението „Борка“, Биба Додева истакна дека станува збор за прв ваков голем проект, кој на почеток ќе трае една година, а изрази надеж дека ќе продолжи и натаму.
– Целта е психолозите заедно со учителките да можат да влезат во системот на институциите. Се надеваме дека од идната година веќе треба да се размислува од страна на Министерството за здравство и од страна на сите институции да се вработат повеќе психолози на оваа Клиника, за да може повеќе да им се помогне не само на децата, туку и на родителите кои со месеци со нив се присутни на Клиниката, истакна Додева.
Директорот на Клиниката за детски болести, Катерина Ставриќ изјави дека со Министерството за здравство имаат повеќе започнати проекти токму за подобрување на условите на хемато-онколошкиот оддел, во тек се подготовките и за реновирање на Онколошкиот оддел, како и други проекти за изградба на дневна болница со амбуланти со што ќе се подобрат условите на Одделот за третман на децата со малигни заболувања.
Таа истакна дека околу десеттина деца со малигни заболувања во моментот се лекуваат на Клиниката. – Веќе се примени психолози, во тек сме на преземање и се зајакнува тимот. Со тоа ќе се обезбеди психолошка поддршка не само на онколошките пациенти, туку и на другите пациенти со хронични заболувања кои се лекуваат на Клиниката, додаде Ставриќ.
Градоначалникот на општина Центар, Саша Богдановиќ рече дека во проектот учествуваат со осум наставници и тоа пет од одделенска и тројца од предметна настава, кои ќе доаѓаат во Центарот за да помагаат децата да не губат од наставниот процес.