Иако докторите препорачуваат пиење многу течности кога сме болни, вистината е дека всушност не постојат цврсти докази дека пиењето на големи количини на течности помага при било која болест.
Нормално е да се изгубат повеќе течности од обично кога сме болни, што се случува поради повраќање и во случај на покачена температура, потење. Освен тоа, метаболизмот може да биде забрзан бидејќи телото е под зголемено ниво на активности. Кога сте болни, можеби ќе ви биде потребна дополнителна хидратација за нивото на течности да биде избалансирано.
Недостатокот на течности може да влијае на способноста на телото да се бори против инфекции, а болните луѓе можеби нема да ги забележат суптилните знаци на дехидратација како суви усни, сува кожа, главоболка, замор и намалено мокрење, бидејќи ќе мислат дека тоа е последица на болеста. Дехидратацијата може да биде последица на тоа што, кога сме болни, не ни се јаде и не ни се пие.
Но, внесувањето на доволно течности нема директно да влијае на инфекцијата или да го излекува самиот проблем. Течноста треба да се внесува поради повторното воспоставување на баланс помеѓу електролитите и волуменот на крвта – и на тој начин хидратацијата ни помага кога сме болни.
За повеќето луѓе се препорачува дневно да испијат осум чаши вода од два до два и пол децилитри без разлика дали се болни или не, а таа количина можете малку да ја зголемите доколку не се чувствувате добро или имате воспаление.
Клучот е во умереноста и користењето на сопствената способност за проценка. Вие сакате на своето тело да му го дадете она што му е потребно за да оздрави и да и` се спротистави на болеста. Затоа фокусирајте се на одржување нормален внес на течности и на надополнување на течностите кои сте ги изгубиле, но немојте да претерувате и да пиете преголема количина од било која течност, советува Лаура Кристин Ли, докторка во болницата Kings College Hospital во Лондон.