Луѓето носат маски на лицето, обидувајќи се да се заштитат и да не вдишуваат чад
Исто така, во последно време сè почесто ги гледаме видеата од Кина, каде што од ден на ден расте бројот на починати и заразени од корона вирусот.
Меѓутоа, прашањето е колку тие маски се ефикасни.
Научниците се скептични кога станува збор за маските и заштита од корона вирусот кој се пренесува преку воздухот.
Хирушките маски во болниците се појавија во 18 век, но не беа во јавна употреба сè до епидемијата со шпанскиот грип во 1919 година кога настрадаа повеќе од 50 милиони луѓе.
Докторот Дејвид Керингтон од Универзитетот во Лондон за BBC вели дека обичните хирушки маски не се ефикасна заштита од вируси или бактерии кои се пренесуваат преку воздухот, што е најчест начин како луѓето се заразуваат.
Како што наведува тој, тоа е бидејќи маските немаат филтери за воздух, не се доволно цврсти и очите се изложени.
Сепак, маските можат да помогнат како заштита од зараза преку кивање или кашлање, како и кај пренос на бактерии од валкани раце.
Во едно истражување од 2016 година спроведено во Нов Јужен Велес во Австралија, се наведува дека во просек – луѓето 23 пати на ден го допираат лицето.
Професорот на Универзитетот во Нотингем, Џонатан Бел, вели дека маските во болниците се добра заштита од зарази затоа што служат како респиратори.
Маските кои имаат посебен филтер за воздух се дизајнирани за заштита од штетните честички во воздухот.
„Меѓутоа, податоците не се добри доколку ги погледнете истражувањата за нивната ефикасност кај населението, не е толку лесно да се носи маска подолг временски период“, додава Бел.
Докторот Конор Бемфорд вели дека „маските се ефикасна примена на едноставни хигиенски мерки“.
„Доколку ги миете рацете, ставате рака додека кивате и доколку не јадете пред да ги измиете рацете, тоа го намалува ризикот да добиете каков било вирус“, истакнува тој.
Докторот Џејк Денинг од Агенцијата за јавно здравје на Англија вели дека постојат многу малку докази за предностите при користење на маски надвор од болничките услови.
Како што вели тој, за да маските бидат ефикасни мора да се носат на адекватен начин, да се менуваат често и да се чуваат на безбеден и прикладен начин.
„Луѓето најмногу треба да се фокусираат на личната хигиена доколку сакаат да останат здрави“, вели Денинг.