Дали државата ќе направи Фонд за финансирање на лекувањето во странство или животот на тешко болни деца ќе зависи од хуманоста на луѓето?

Со помош на анонимен хуман граѓанин на 14 годишниот Игор Геленчев од Богданци кој боледува од тумор на мозокот ќе му биде направена неопходната операција во Турција. Семејството преку социјалните мрежи итно бараше финансиски средства за момчето да замине на лекување зошто состојбата му била критична. Ова е само еден од десетиците случаи кои секојдневно бараат и чекаат помош од хуманите луѓе за да одат на лекување во странство. Со години медиумите и хуманитарците им помагаат на ваквите случаи зошто државата ги покрива само интервенциите кои не се прават кај нас и за кои има конзилијарно мислење и позитивен одговор од комисиите при Фондот за здравство. За да не молат граѓаните за помош токму владејачката партија во предизборната програма ветуваше решение.
-Ќе формираме Фонд за финансирање на лекувањето во странство на деца до 18 години кој ќе мора итно да ги носи неопходните одлуки , ослободен од политички и министерски притисоци . Така лекувањето на децата од Малкедонија нема да зависи од хуманоста на нејзините граѓани, стои во програмата на Коалицијата “За живот во Македонија”.
Од министерството за здравство денеска информираа дека до крајот на годината ќе се знае како ќе функционира и од каде ќе се финансира овој фонд за кој повторно ќе треба конзилијарно мислење од тројца специјалисти.
-Процедурата е иста, се работи за Фонд, бидејќи ограничени се средствата на ФЗОМ и преку социјалните мрењжи одреден број на граѓани бараат средства. Со овој Фонд ги разгледуваме само начините за полнење на овој Фонд, кој ќе биде надополнување на ФЗОМ, изјави Владимир Милошев, Државен секретар во министерството за здравство.
Експертите по јавно здравје ја поздравуваат идејата за формирање на Фонд за лекување во странство, но сметаат дека нема да се реши проблемот со апелите за помош.
-Добро е да има таков Фонд во кој стручни лица ќе кажат кој има приоритет за лекување во странство, изјави проф. Методија Трајаноски, експерт по јавно здравје и социјлна медицина.
Сличен е ставот и на здруженијата на пациенти
-Сметаме дека мора да има правила и критериуми затоа што кога се собираат средства во јавност добива оној кој го има најмногу по медиум и кој е најзастапен и најсподелуван на социјалните мрежи што не значи дека е најитен или најкритичен случај, изјави Весна Алексовска, од здружението на пациенти со ретки болести “Живот со предизвици”.
Инаку според податоците од ФЗОМ минатата година до оваа установа биле доставени околу 300 барања за лекување во странство, а бројот на апели за донации на социјалните мрежи е двојно поголем.

апел за помошлекувањесредствафондхуманост