Оваа среда, на 20 септември, во Јавна соба, со почеток од 19:30 часот, д-р Александар Митов преку предавање ќе ја промовира својата нова книга „Преплетени со природата“.
По објавувањето на „Водич за долговечност“ во 2018 година, д-р Митов со новата книга ја продолжува својата мисија да остави запишани рецепти за здрав и среќен живот. Овој пат се посветува на прашањето како одново да се поврземе со природата и со себеси. Благодарение на повторното воспоставување на подзаборавените врски, можеме да уживаме во здрав, исполнет и долг живот. Д-р Митов е долгогодишен просветлувач на патот кон здравјето. Следејќи ги најновите научни студии за влијанието што начинот на живеење го има врз поединецот, успева да ја преточи медицинската наука во практика и во конкретни совети.
Настанот, што е дел од низата Отворени предавања за отворени умови во организација на ТРИ, во чие издание е оваа книга, ќе го отвори Александра Белчева-Бела. Предавањето, како и самата книга, се повик за будење преку запознавање со петте нишки на здравјето: исхраната, движењето, спиењето, микробиомот и блиските луѓе. Д-р Митов ќе ни помогне да разбереме на кој начин сме преплетени со природата, истовремено давајќи ни исцелувачки сознанија.
Предавањето има затворен карактер, а пријавувањето е преку следниот линк: . Останати се уште неколку слободни места.
Ве покануваме на оваа поучна средба што ќе ви го отвори патот, не само кон едно ново јас туку кон природата – вистинската природа во која се содржат одговорите на многу наши прашања, и природата на нашата личност составена од здраво тело и здрав дух.