За да се постигне колективен имунитет кој ќе го штити населението од морбили, потребно е процентот на имунизирани лица да биде 93-95% од вкупната популација, вели д-р Александар Јовановски, првенец на генерација на Медицинскиот факултет во Скопје, денес на докторски студии на Програмата за експериментална медицина и терапија на Универзитетот во Торино, Италија.
Што значи вакцинација на населението, што спречува, зошто е толку зголемен процентот на луѓе што одбиваат да ги вакцинираат децата? Јовановски вели дека поимот вакцинација не е само процес, превентивна мерка која има удел во здравјето на поединецот, туку е одговорност, општествена свесност и грижа за здравјето на заедницата.
– Во епидемиологијата постои поим „колективен имунитет“ или имунитет на заедницата. Кога најголем процент од популацијата се имуни на одреден патоген, се формира индиректна заштита и е оневозможено ширењето на инфективната болест во таа популација. Колективниот имунитет наједноставно се стекнува со имунизација на населението, односно вакцинација – вели тој.
Зошто морбили-вирусот е толку опасен?
Тој објаснува дека морбилите се високо заразна вирусна инфективна болест предизвикана од морбили-вирусот. Болеста најчесто се пренесува преку аеро-капков пат – се дисперзира во околината кога заболениот кива и кашла и/или преку допир со неговиот назален секрет и плунка. И покрај тоа што се манифестира со кожен исип, како сипаница, примарно претставува болест на респираторниот систем. Кожниот исип е само еден дел од целокупната клиничка слика што ја карактеризира оваа болест.
– Од јавно-здравствен аспект е многу важно да се објасни што значи тоа „високо контагиозна инфективна болест“. Тоа значи дека 90-93% од луѓето што не се имуни, а дошле во контакт со заболено лице од морбили, ќе ја добијат инфекцијата. Навистина зборуваме за една од најконтагиозните инфекции – објаснува Јовановски.