Четири новороденчиња починале во еден ден на скопска гинекологија. Сите биле предвремено родени и сместени во инкубатори на одделот за интензивна нега. Скандалозно во овој случај е што дежурниот педијатар не бил на работното место. Докторката ја напуштила клиниката само еден час откако дошла на смена. Медицинските сестри ја повикале кога се влошила состојбата на едно од бебињата. Од Клиниката го потврдуваат случајот и информираат дека уште наредниот ден ја суспендирале од работа.
-За овој случај се води дисциплинска постапка. Извршен е и надзор од министерството за здравство. Интензивна нега со над 50 деца не смее да остане без лекар, велат од Клиниката за гинекологија и акушерство.
Според информации на Сител целиот случај го испитувал и заменик министерот за здравство Гоце Чакаровски. Била формирана и комисија.
-Веднаш по добивање на информацијата, МЗ формираше комисија за стручен надзор и времено е суспендирана докторката, која била на дежурство таа вечер, се до донесување конечен заклучок на Комисијата за стручен надзор кој се очекува да биде готов во текот на денешниот ден, информираат од ресорното министерство.
– Извештајот на комисијата треба да покаже што точно се случувало пред една недела овде на Клиниката за гинекологија. Дали се работи за несоодветен медицински третман или причина за смртта на новороденчињата е поради пренатрупаноста на оддеелот за интензивна нега и недоволниот број на стручен кадар.
После неколкуте смртни случаи на новороденчиња кон крајот на август и последните четири починати бебиња во еден ден се поставува прашањето- Што ќе превземат надлежните здравствени власти за да се намали смртноста на предвремено родените деца?