Закажаните пациенти за мамографско снимање во Клиниката за хируршки болести Свети Наум Охридски ќе чекаат уште најмалку две недели. Дотогаш надлежните од оваа установа очекуваат да биде отстранет дефектот на мамографот кој не е во функција повеќе од еден месец. Но проблемот не е само во расипаните апарати туку и долгите листи на чекање.Според податоците од МојТермин, до јуни нема слободни термини за мамограф во скопските здравствени установи. Слична е состојбата и во повеќе градови во внатрешноста. Здруженијата алармираат дека ваквата состојба може да има сериозни последици за пациентките.
-Чекањето од три месеци за снимање на мамограф може да биде кобно за пациентката не само по здравјето туку и по животот, изјави Биба Додева, претседател на здружението Борка
Од Борка очекуваат на средбата со претставници од Министерството за здравство да најдат долгорочно решение и превенцијата и раната дијагносатика да биде клучен фактор а не жените да чекаат со месеци за снимање на мамограф.
-Ќе разговараме со министерството да се имплементира националната стратегија, бидејќи раната дијагностика е најважна кај оваа болест, вели Додева.
Според податоците од Светската здравствена организација, во Македонија годишно има 1200 ново дијагностицирани жени со рак на дојка, односно, четири дневно завршуваат на торакална хирургија.