Хематологија објави дека во јавните набавки се вклучуваат и невладини организации, кои ќе го мониторираат процесот. Една од нив е и претседателката на здружението Борка, Биба Додева.
– Свесна сум за медиумскиот интерес за тоа како се спроведуваат јавните набавки на Клиниката за хематологија, особено поради одредени сомневања за можен конфликт на интереси кои актуелната директорка би ги имала поради тоа што нејзиниот родител е сопственик на веледрогеријата „Пановски“. Токму овој податок беше мотив плус да дадам свој придонес во расчистувањето на евентуалните дилеми за пристрасност или незаконски дејства на оваа Клиника. Веќе разгледувавме и работевме на еден предмет на јавна набавка на 211 лекови распишана во декември 2017 година, за која се произнесовме и дадовме соодветни заклучоци. Морам да напоменам дека на увид ни беше доставена Одлука на Управниот одбор на Клиниката за хематологија со која медицинскиот директор, во случајов в.д. директорката и вонреден професор Ирина Ставридис-Пановска, во согласност со член 1, став 1 и 2 од Законот за спречување на судир на интереси е изземена од сите постапки за набавки на лекови, медицински помагала и потрошен материјал каде што како потенцијален добавувач се јавува или може да се јави веледрогеријата „Др. Пановски“. Таквите ингеренции се пренесени на друго лице на Клиниката и за тоа е известена Државната комисија за спречување корупција. Ве уверувам дека немам никаква намера да дозволам мојот кредибилитет да биде на каков било начин загрозен. Доколку увидам дека на Клиниката за хематологија се постапува незаконски, ќе бидам првата која јавно ќе проговори за тоа. Мојата задача е да ги штитам интересите на пациентите и така ќе постапувам, вели Биба Додева во интервју за Независен весник (nezavisen.mk).