Новороденчето чија мајка почина за време на породувањето во Санте Плус повеќе не е на апарати за дишење. Се уште е на одделот за интензивна нега, но според педијатрите е во стабилна здравствена состојба. И во наредниот период ќе биде под постојан лекарски надзор.
Стручната комисија, пак, што ја формираше Министерството за здравство две недели го испитува случајот со смртта на родилката. Недостасува уште обдукцискиот наод од судска медицина за официјално да соопштат дали и какви пропусти имало во целата постапка. Од вчера случајот го расветлува и Обвинителството. По известување од полицијата, прибираат докази по што ќе одлучат дали има основ за поведување на постапка.
Во очекување на официјалниот извештај, Сител дознава дека постојат докази за непочитување на основни медицински протоколи во третманот на 31 годишната жена од Кичево.
Неофицијално, и камерите од болницата но и од околните објекти треба да помогнат во расветлување на целиот случај.
Се уште е нејасно и каде починала родилката бидејќи од приватната болница велат дека не било кај нив а од КАРИЛ со тврдење дека е донесена мртва без знаци на живот.
На жената од Кичево која потекнувала од лекарско семејство ова и била прва бременост. Имала договорено породување со царски рез во Санте Плус пред две недели, но не го виде бебето бидејќи починала од компликации од анестезијата.