Според информациите со кои располага тимот на проектот „Градење капацитети на организации за помош на лица со посебни потреби во Македонија“, во 2015 година само 49 лица со хендикеп завршиле високо образование, пет станале магистри, а не е забележан ниту еден случај на завршени докторски студии.
Проектот е поддржан од Европската унија, а спроведуван од Фондацијата за одржлив економски развој ПРЕДА Плус, во соработка со Здружението на студенти и младинци со хендикеп.
– И покрај фактот дека школувањето во Македонија за лицата со прв и втор степен на инвалидност е бесплатно и е покриено од буџетот на Република Македонија, бројките на лица кои завршуваат соодветно образование е исклучително ниска, соопштува проектниот тим.
Тие посочуваат дека Законот за високо образовние на студентите со посебни потреби им овозможува низа поволности и олеснувања за студирање, како што се бесплатна партиципација, право на редовно студирање, користење на сите услуги утврдени според студентскиот стандард и многу други но, и покрај тоа, бројот на лица кои се образуваат е доста низок.
– Знаејќи дека високото образование го трасира патот до побрзо вклучување на пазарот на трудот, очигледна е потребата од поголем интерес на надлежните за оваа состојба и преземање конкретни мерки. Доказ дека можеме подобро се и позитивните практики кои ги следат земјите членки на ЕУ кои подразбираат: 100 проценти генерална обврска од земјите членки на ЕУ за прилагодување на училиштата и образовните установи според потребите на лицата со посебни потреби. 94.7 проценти од државите членки на Европска Унија имаат прилагодувања согласно со специфични барања кон лицата со посебни потреби, укажуваат од проектниот тим.
Преземањето на оваа мерка, додава тимот, подразбира и логистичко-архитектонски промени на универзитетите, поголема достапност и прифаќање од професорите и образовните институции и намалување на психолошките бариери.