Годишно по најмалку 4000 деца не ја примаат МРП вакцината во Македонија. Процентот на имунизација за морбили рубеола и перотит за 5 години е намален за 10 отсто и изнесува 82 проценти. Ваквата состојба ги загрижува здравствените власти, по предупредувањето од СЗО за ширењето на малите сипаници во Европа, а неколку држави прогласија и епидемија. За да се има колективен имунитет потребно е над 95 насто од децата да бидат заштитени. Според надлежните падот на имунизацијата се должи на антивакциналните кампањи и одлуката на родителите да го одложуваат вакцинирањето.
-Родителите читаат несоодветни веб страници и се шират информации на социјалните мрежи во меѓусебна комуникација дека МРП вакцината може да предизвика аутизам што апсолутно не е точно и научно е докажано, вели д-р Јованка Костовска, државен советник во министерството за здравство.
Последната епидемија на морбили во Македонија е регистрирана во 2010, кога имавме околу 900 заболени лица. Во моментот нема ниту еден случај , но доколку се појави болеста многу брзо може да се рашири и да добие епидемиски размери.
-Малите сипаници се многу заразни и брзо се шират. Еден случај за кратко време може брзо да се рашири, па од тие 10 да имаме 50 па 100 случаи за кратко време, додаде д-р Костовска.
Лекарите предупредуваат дека малите сипаници можат да предизвикаат воспаление на белите дробови, менингит и да бидат фатални.
Според податоците од министерството за здарвство пред да биде воведена вакцината против морбили во 1972, годишно имало околу 10.000 заболени и десетици од мали сипаници.