Африканскиот вид на Ковид-19 се шири побрзо од британскиот, поризичен е за младите луѓе

Мутацијата на коронавирусот во Јужна Африка, која веќе пристигна во Европа, веројатно ќе биде уште позаразна и може да биде поризична за младите и помалку отпорна на вакцините, сметаат научниците од Јужна Африка.

Истражувањата покажуваат дека иако е позаразна, се чини дека новата мутација не предизвикува посериозни симптоми и не бара различен третман.

Исто така, се стравува дека голем број индивидуални мутации на јужноафриканската варијанта можат да ѝ овозможат повторно да зарази лица кои веќе имале вирус и се опоравиле, пишува Гардијан.

Два примероцу во Велика Британија потврдија дека овој вид на коронавирус пристигнал во Европа.

Научниците во Јужна Африка сè уште работат на целосно разбирање на новата мутација, позната како 501I.V2. Научниците веќе ги споредија податоците за јужноафриканскиот вид на вирусот, кој зафати цел дел од таа земја, со британската мутација откриена минатата недела.

„Комбинирајќи ги нашите податоци со тие во Велика Британија, сфативме дека јужноафриканската мутација е малку поефикасна во ширењето од личност до личност, и тоа не е добро. Значи, мора да бидеме малку подобри во запирањето“, рекла д-р Ричард Леселс, еден од специјалистите што го воделе истражувањето за новата мутација во Јужна Африка.

Лекарот е загрижен дека новиот вид може да биде отпорен на вакцината, но има уште едно сомнение.

„Друга грижа е реинфекција. Во моментов правиме внимателна, методичка работа во лабораторија за да одговориме на сите прашања што ги имаме, и за тоа е потребно време“, изјави д-р Леселс.

Мутациите откриени во новата јужноафриканска варијанта може да дозволат вирусот подобро да се поврзе и да влезе во клетките од претходните варијанти, потенцијално олеснувајќи го пренесувањето, велат научниците.