250 бебиња со вродени срцеви маани оперирани на Клиниката за детска хирургија

На Клиниката за Детска Хирургија во рамките на Проектот за неонатална – детска  кардиохирургија од 14 април 2013 година до денес се направени 250 операции на отворено срце кај деца. Најголем дел од овие деца се на возраст под една година.

Инаку проектот започна пред 4 години со ангажирањето на Проф. д-р. Вилјам Новик и Проф.д-р Марсело Кардарели во склоп на Cardiac Alliance Foundation, а продолжи од јануари 2017 година под водство на Проф. д-р Слободан Илиќ од УДК Тиршова, Белград. Во изминатите 4 години беше остварена соработка и со Проф. д-р Мила Стајевиќ од Институт за мајка и дете”Д-р Вукан Чупиќ” од Белград како и Проф. д-р Мајкл Хублер од Универзитетската клиника за детска кардиохирургија од Цирих.

Во тек на овие 4 години покрај операциите на отворено срце, направени се и повеќе од 30 интервентни и дијагностички катетеризации ( дијагностика, балондилатации, атрио-септетомии..)

Инаку во склоп на Проектот се оперираат сите вродени детски кардиопатии вклучително и оние најсложените. Најмалиот пациент е опериран само неколку дена по раѓањето и имал 1,8 кг.

Македонскиот тим самостојно изведува околу 70% од преоперативниот, оперативниот и постоперативниот дел од лекувањето на децата со вродени срцеви аномалии.

  • Менаџментот и понатака ќе го подржува и помага како инфраструктурно, така и кадарно овој проект, со цел да се оформи комплетно обучен македонски тим кој ќе биде стручно независен и компетентен во третманот на овие деца – изјави директорот на Универзитетската Клиника за детска хирургија д-р Ристо Симеонов.
  • Ми представува посебно задоволство што успеавме за овие четири години да помогнеме на голем број на деца со срцеви мани, да бидат соодветно згрижени. Бројот на операции секоја година се зголемува 20-30%, со цел да се достигне планираната бројка од 100-120 деца годишно. Во периодот од 1994 до 2002 година,кога сите деца беа препраќани за оперативен третман во странство, само за илустрација, починати се 215 деца со срцеви мани кои не добиле шанса за третман. Овие бројки ја потврдуваат тежината и важноста на овој проект. Мојата цел за наредниот период ќе биде третманот на предвремено родените деца зависни од механичка вентилација поради отворен дуктус артериосус. Голем број од овие деца завршува летално, доколку дуктусот не се лигира во одреден период (по предходен неуспешен конзервативен третман), а во Македонија во последните 4 години за жал не е изведена ниту една ваква интервенција. Многу е важно да се подобри дијагностиката кај овој тип на патологија, за навремено решавање на истиот проблем. Втората цел е подигање на свеста и информираноста на бремените жени кај кои пренатално е виден плод со срцева мана по 25 гестациска недела (не се однесува на фетуси со пренатално потврдени тешки синдромски нарушувања). Кај огромен број на бремени жени е направен фетоцид (умртвување на плод со високи дози на калиум) кај фетуси коишто по направена хируршка корекција би имале добра прогноза и нормален живот – изјави д-р Владимир Чадиковски хирургот кој го предводи македонскиот тим.

 

болницакардиохирургијапопуларносрцечадиковски