„Алкалоид“ со раст на консолидираните продажби, нето добивка и 54 нови вработувања

Алкалоид АД“ Скопје оствари позитивни финансиски резултати во периодот јануари – јуни 2017 година, покажуваат неревидираниот единечен и неревидираниот консолидиран Биланс на успех.

Според единечниот Биланс на успех, соопштија од компанијата, во периодот јануари – јуни, продажбите достигнуваат 3.507.290.746 денари, што е за 8 отсто повеќе во споредба со истиот период од минатата година. Добивката пред финансиски трошоци, даноци и амортизација (ЕБИТДА), која изнесува 649.689.157 денари, бележи зголемување од околу 11 отсто, единечната нето добивка изнесува 374.886.745 денари и истата е зголемена за 9 отсто.

Во периодот јануари – јуни, вкупните консолидирани продажби достигнуваат 4.554.009.259 денари, што е за 9 отсто повеќе во споредба со истиот период од минатата година. Консолидираните продажби остварени на домашен пазар се зголемени за 7 отсто, додека вкупниот консолидиран извоз на компанијата е зголемен за 10 отсто. Од вкупните консолидирани продажби, 39 отсто се остварени на домашен пазар, додека 61 отсто се остварени на странски пазари. Гледано по региони, во земјите од Југоисточна Европа се остварени 32 отсто, во Русија и другите земји од ЗНД се остварени 7 отсто, во земјите од Западна Европа (ЕУ и ЕФТА) се остварени 21 отсто и на останатите пазари се остварени 1 отсто од вкупните консолидирани продажби. Најзабележителен раст е остварен во Велика Британија со продажби од 127.873.079 денари и Унгарија со продажби од 11.691.735 денари што претставува зголемување за 18 пати споредено со истиот период од минатата година. Кај извозните пазари пораст бележат и следните земји: Русија раст од 24 отсто, Романија раст од 52 отсто, Словенија раст од 24 отсто, Украина раст од 33 отсто, Црна Гора раст од 17 отсто итн.

Гледано по групи на производи, во структурата на вкупните консолидирани продажби, најголемо учество заземаат производите од сегментот Фармација и тоа 84 отсто. Од нив поголем удел имаат ОТЦ препаратите со 21 отсто, кардиолошките препарати со 16 отсто, антибиотиците со 14 отсто, невролошките препарати заземаат 13 отсто од вкупните консолидирани продажби итн. Сегментот хемија, козметика и билкарство учествува со 16 отсто во вкупните консолидирани продажби или поточно хемија учествува со 3 отсто, козметика со 10 отсто и билкарство учествува со 3 отсто.

Консолидираната добивка пред финансиски трошоци, даноци и амортизација (ЕБИТДА), која достигнува 668.995.343 денари бележи раст од 12 отсто, додека нето консолидираната добивка во износ од 361.750.584 денари е зголемена за 11 отсто.

Вкупните инвестиции во основни средства во периодот јануари – јуни 2017 година изнесуваат 323.470.022 денари.

Во периодот јануари – јуни 2017 година во Алкалоид се реализирани 54 нови вработувања во Република Македонија, соопштија од компанијата.

Коментари

коментари

Напиши одговор

Вашата email адреса нема да биде објавена.