Алармантно: Загадениот воздух во Скопје е причина за секој четвртти смртен случај лани
Загадениот воздух зема се повеќе животи. Лани, секој четврти смртен случај во Скопје е поради аерозагадувањето. Од Институтот за јавно здравје каде податоците ги добиваат согласно методологијата за проценка на ризик, пресметале дека од 5500 починати во 2017, 1250 ги поврзуваат со загадувањето. Според здравствените експерти, половината од нив би можеле да ги спасат доколку надлежните со преземање на мерки ја намалат концентрацијата на опасните честички
-Кај оние кои умреле за 20-30 години им е скратен животот. Јас немам очекувања сега бидејќи мерки не се преземаат сега кога е сезоната. Ова што сега го прават се козметички акции но не и системска мерка, бидејќи аерозагадувањето за една година не се решава, вели проф. д-р. Драган Ѓорѓев, од ИЈЗ
Недоволното вентилирање, сообраќајот со стар возен парк и прашината од градежните активности се само дел од причините, кои според професорот Ѓорѓев и понатаму ќе ги полнат болниците. Апелира надлежните институции сериозно да почнат со решавање на проблемот со ањерозагадувањето за да не расте црната статистика.
-Би сакал Владата добар период само за загадувањето да дискутира и кога би направиле тоа колку се заштедите со преземање на соодветни мерки, сигурен сум дека нема никој да каже дека се скапи, вели Ѓорѓев.
Маските и прочистувачите на воздух и овие зимски месеци ќе бидат дел од секојдневието на граѓаните. Откако Македонија беше рангирана како најзагадена земја во Европа, синоќа и Скопје се најде на врвот на листата на глобалната апликација Аир Вижал, како 6ти најзагаден град во светот. Во меѓувреме, здружението Еко свест започнале со онлајн петиција со која од надлежните ќе бараат здравјето да биде највисоко на листата на приоритети.