Алармантно: Македонските деца со искривен ‘рбет и рамни стапала!
Македонските деца се се повеќе искривени, анемични и со оштетен вид. И во 2016 година систематските прегледи покажаа алармантна состојба за здравјето на младите. Само во Скопје околу 30 проценти од основците имаат лошо држење на телото, загрижувачи 29 проценти имаат рамно стопало а кај околу 1000 биле утврдени деформитети на рбетниот столб. Овој лош тренд е присутен и кај скопските средношколци од кои дури 12 проценти имаат деформации на градниот кош и 15 проценти се со лоша развиеност на телото.
-Продолжува тој тренд на зголемување на аномалиите кои ги откриваме кај децата. Иако можеби се белеѓи мало намалување на бројките, сепак состојбата е загрижувачка. Доколку навреме биде отркиено и препратено на соодветен специјалист, има подобрување во состојбата, вели д-р Соња Ралева од диспанзерот за систематски прегледи во Поликлиниката Бит пазар.
Лекарите велат дека по соопштување на родителите дека нивното дете има кифоза или сколиоза, не треба се да се остане само на еден преглед кај специјалист. Таквото игнорирање може да предизвика сериозни последици во понатамошниот развој.
-Во прво одделение ќе откриеме одреден деформитет и потоа поради нередовно третирање во трето на следниот систематски преглед состојбата е полоша, вели д-р Ралева.
За подобрување на состојбата и немањето на доволен број центри за физикална терапија во главниот град, наскоро во поликлиника Чаир ќе има центар опремен со апарати за вежбање наменет токму за децата кај кои се дијагностицирани искривувања на рбетот.
-Од менаџерскиот тим на Здравствен дом Скопје велат дека се одлучиле на оваа инвестиција поради алармантните броки од систематските прегледи. Во центарот ќе одат деца кај кои се откриени одредени деформитети во почетна фаза.
Седењето со часови пред комјутер, играњето на телефон и немањето на физичка активност се главните причини за ваквата состојба на македонската младина.