На Рендген не работат два апарати за КТ – Болните молат за снимање во другите скопски болници!
Километарски листи на чекање и шетање по здравствени установи е епилогот од дефектот на два од трите апарати за компјутерска томографија на Институтот за рендгенологија. Болните за добивање на оваа неопходна дијагностичка процедура мора да одат во ГОБ 8-ми септември, во Клиниката за хируршки болести Свети Наум Охридски и поликлиниката Јане Сандански каде биле прераспределени закажаните пациенти од Рендген. Ова било договорено на денешниот состанок на заменик министерот за здравство Гоце Чакаровски со директорите на овие установи. Но нема одговор колку болните ќе чекаат за да ја добијат оваа услуга имајќи во предвид дека и таму постојано реагираат со големиот број на снимања на КТ. Неофицијално дознаваме дека на Рендген прво се расипал едниот а потоа и вториот апарат а причината била големата преоптовареност. Третиот кој останал во функција го користеле само за виталнозагрозувачки пациенти. За овој сериозен проблем на скопските клиники Чакаровски за Сител изјави дека во текот на утрешниот ден ќе го повикале сервисерот кој треба да каже дали неопходниот дел го има во државата или ќе мора да го набават од странство. Тоа дополнително ја одолговлекува и отежнува грижата за пациентите бидејќи не се знае кога ќе бидат во функција апаратите за КТ. Заменик министерот ќе побарал и од болниците во другите градови за пациентите кои мора да дојдат на скопските клиники да ги праќаат со веќе готови снимки.
-Според евиденцијата од Мој Термин, околу 2000 лица овој период имале закажани снимања на двата апарати за комјутерска томографија. Неизвесно е на колку од нив навреме ќе им биде направена оваа дијагностичка процедура и колку ова пролонгирање ќе влијае на здравствената состојба на пациентите.