Кои пороци можат да ви го скратат животот за една деценија?
Овие пороци можат да ви го скратат животот на цели 10 години, покажа швајцарското истражување објавено во магазинот „Превентивна медицина“.
Истражувачите на Универзитетот во Цирих следеле 17.000 луѓе цели 16 години и откриле дека нивниот животен век значително се скратува доколку тие пушат цигари, се хранат несоодветно, не вежбаат и пијат алкохол.
На пример, жена со 75 години има шанси да живее уште 10 години доколку водела сметка за здравиот начин на живот, но шансите за тоа се намалуваат за повеќе од 60 проценти, доколку живеела со некој од овие пороци. Од овие пороци најопасно е пушењето цигари.
Истражувањето исто така покажало дека животот на личност со педесетина килограми вишок може да биде пократок од животот на пушач кој не е дебел.
Екстремната дебелина, која се дефинира со индексот на телесна маса повисок од 40, може да го скрати животот за дури 14 години, а во меѓувреме на лицето да му предизвика срцеви заболувања, дијабетес и други хронични заболувања.