Што не смеете да правите веднаш по јадењето?
Туширање
За време на туширањето, температурата на телото благо се покачува. За да се прилагоди на тоа, телото насочува повеќе крв кон кожата отколку вообичаено. Тоа може да го наруши процесот на варење на храната и да го забави метаболизмот. Почекајте 30 минути пред да влезете под туш.
Пиење чај
Истражувањата покажаа дека состојките во чајот се косат со апсорпцијата на железо во организмот, минерал што е многу значаен за функционирање на телото. Токму затоа, децата, бремените жени и луѓето достиг на железо во крвта треба да избегнуваат пиење чај во првиот час после јадењето. Возрасните подобро е да се напијат шолја кафе, кое, да се напомене, не треба да се пие на празен желудник.
Спиење
Митот дека јадењето пред спиење е директна причина за прекумерна тежина одамна е побиен, но сепак не треба да јадете непосредно пред да легнете да спиете. Спиењето на полн стомак може да предизвика грчеви, ждригање и киселини во желудникот бидејќи кога лежиме телото се смирува и метаболизмот се намалува. Експертите препорачуваат последниот оброк да биде најмалку два часа пред спиење.
Физичка активност
Колку и да е големо искушението да се фрлите на тренинг и да ги согорите калориите од јадењето, експертите советуваат да не го правите тоа. Вежбањето на полн стомак може да предизвика разни тегоби, како и ризик од потешки последици како грчеви. Најдобро е да излезете на лесна прошетка, а да почнете со вежбање најмалку два часа по јадење.
Пушење цигари
Пушењето е штетно по здравјето од повеќе причини, но ако веќе сте пушач, се препорачува да не палите цигара во првите дваесет минути по јадење. Тутунот ја спречува апсорпцијата на витамини и минерали, како калциум и витамините C и D, со што се поништуваат ефектите и од најздравиот оброк.