Кога е вистинското време бебињата да почнат со јадење на овошје?
Педијатрите ги советуваат мајките околу петтиот месец полека да почнат да им воведуваат цврста храна на бебињата, а оваа промена во исхраната е најдобро да се почне со овошје и житарки без глутен (оризови и пченкарни снегулки).
Кај воведувањето нови намирници во исхраната на бебињата, најважно е да се држите до правилото да се воведува една намирница неделно, односно да постои одреден период меѓу две намирници.
На бебето прв пат понудете му неколку лажици или сок, а таа количина зголемете ја следните неколку дена. Откако конечно ќе изеде поголема количина може да сметате дека таа намирница е прифатена и бебето е подготвено за воведување нова.
Исто така добро би било доколку намирницата во оброкот ја воведувате во утринските часови, со цел да се избегне во текот на ноќта да дојде до можни реакции на храната. Овошјето задолжително прво добро измијте го, а потоа излупете го и испасирајте го.
Обрнете внимание на хигиената за време на подготовката на оброците и ограничете го чувањето овошје во фрижидерот. Внимавајте овошјето да биде сезонско, да не е третирано со пестициди и да е во фаза на созревање. Избегнувајте агруми пред првата година од животот, бидејќи цитрусите се најголем предизвикувач на алергии кај малите деца.
Почнете со јаболко, бидејќи е слатко и лесно се вари. Кога бебето ќе го прифати јаболкото како кашичка или сок, можете добро испасирано да го додавате во млечни кашички или во кашички со ориз. Освен јаболките бебето добро поднесува и круша. Свежата и добро испасирана банана исто така е добар оброк за бебето постаро од шест месеци, бидејќи содржи многу калиум.
По деветтиот месец време е за сливи, кои се особено поволни за бебињата, кои имаат проблеми со варењето. Потоа можете да воведете праски и кајсии. Кајсијата е богат извор на калиум, бетакаротен и витамин Ц. Праските се ароматичмни и богати со калиум и не содржат многу шеќер.
Портокалот, грејфрутот, лимонот и мандарината се мошне богати со витамин Ц, а на бебињата не им се даваат прерано поради можните алергии. Кивито е богато со калиум и витамин Ц, а е корисно за правилно функционирање на имунолошкиот систем и поволно дејствува врз слузокожата. Поради ризик од алергии ниту кивито не треба на детето да му се дава пред да наполни една година.