Министерот Филипче учествува на 71-то Собрание на СЗО
Делегација на Министерството за здравство предводена од министерот Венко Филипче од денеска учествува во работата на 71. Собрание на Светската здравствена организација и ќе има обраќање пред делегатите на тема „Здравје за сите: посветеност на универзална здравствена заштита”.
– Заедничка визија на Владата на Република Македонија и Министерството за здравство е здравје и висококвалитетна здравствена заштита за сите. За да се оствари ова, Министерството за здравство работи напорно на реформирање на здравствениот систем. Заедничка цел е градење достапна и пристапна здравствена заштита за сите граѓани, наведува Министерството за здравство.
Покрај учество во работата на Собранието, Филипче остварил средба и со генералниот директор на австриското федерално Министерство за здравство и женски прашања д-р Клеменс Мартин Ауер, како и со претставници од Глобален фонд.
Како што најави Министетството за здравство, попладнево македонската делегација ќе има средба и со регионалната директорка на Светската здравствена организација за Европа д-р Сузана Јакаб, на која ќе разговараат за мисиите на СЗО кои беа спроведени досега во Македонија и за мисиите планирани за следниот период.
– Поддршката која ја добиваме од СЗО е од голема важност во остварување на глобалната цел – здравствени реформи и здравје за сите, наведува Министрерството.
За време на Собранието Филипче ќе оствари повеќе билатерални средби со министрите за здравство од цел свет. Во пресрет на настанот тој вчера во Женева учествуваше и пешачеше на „Walk The Talk” – настан за подигнување на свеста за физичката активност и здравиот живот.