Околу 100 приватни специјализанти бараат да добиваат плата – Испратија отворено писмо до Заев

Приватните специјализанти во писмо кое го упатиле до премиерот Зоран Заев бараат да се изнајде конструктивно решение за сите нив и да им се обезбеди плата.

– И покрај недостатоците на нашиот систем, сé уште има млади ентузијасти кои сакаат да останат во својата земја и својот професионален пат да го продолжат во Македонија. Од информациите што ги добивме од министерот и Министерството за здравство, една третина од околу 100 доктори на приватни специјализација неправедно се исклучени од земањето на плата. Имено, долгоочекуваното решение за овој горлив проблем за специјализантите од страна на Министерството е исплата на плати само за селектиран број на приватни специјализанти, наведуваат приватните специјализанти.

Прашањето околу решавање на економскиот статус на специјализантите, посочуваат, е особено сензитивно сега, во време кога се повеќе млади доктори ја напуштаат државата во потрага по вреднувањето кое го заслужуваат.

– Минималните трошоци, кои секој специјализант ги покрива за една приватна специјализација чинат помеѓу 8.000 и 13.600 евра. Специјализациите во просек траат пет години за време на кои дипломиран доктор специјализант не прима никаков паричен надоместок за својата работа. Но, дали Министерството за здравство вистински се труди да не задржи дома или повторно се повторуваат грешките од минатото за деградација и фрустрација на иднината на медицината на Македонија, прашуваат приватните специјализанти.

Тие истакнуваат дека на седницата на Собранието официјално од страна на министерот за здравство доц. д-р Венко Филипче било соопштено: „Го исполнивме ветувањето и за исплата на приватните специјализанти. Сите оние кои досега работеа за беспари, за месец март ќе бидат исплатени со просечна плата на здравствен работник”.

Според ова, потенцираат тие, исплатата на плати би требало да важи за сите приватни специјализанти.

Прашуваат кои се докторите кои ќе земат плата и додаваат дека за исти потпишани договори различно се вреднува трудот на докторите кои приватно специјализираат под исти услови на Клиниките и Институтите во Скопје.

– Цела генерација од речиси 100 доктори е изоставена од ова право на исплата на плата за вложениот труд на Клиниките. Форсирањето за исплата на парични средства само за одредена група доктори е дискриминаторско. Ваквото решение претставува девалвација на трудот и личноста на докторите кои решиле останат во татковината! И покрај остварените спредби со Министерот и работната група во Министерството со цел изнаоѓање на конструктивно решение за сите приватни специјализанти, оттаму не нудат конкретно решение на овој проблем, посочуваат приватните специјализанти.

Според нив, вреднувањето само на одделни доктори на приватна специјализација е комплетно неправедно и би можело да служи како понатамошен поттик за продолжување на својата кариера во земји каде што истите ќе бидат вистински ценети.

– Плата мора да има за сите приватни специјализанти…Друга опција не прифаќаме, истакнуваат приватните специјализанти.

Во писмото бараат од премиерот да се овозможи правичност и еднаквост за сите доктори на приватна специјализација и да се стави крај на деградацијата на докторската фела.

Коментари

коментари

Напиши одговор

Вашата email адреса нема да биде објавена.