Се шири гонореја која не се лекува со антибиотици!
Оваа инфективна болест моментално се третира со комбинација на два лека, азитромицин и цефтријаксон, но овие антибиотици полека почнуваат да ја губат својата ефикасност.
Само во Кина, во речиси 19 отсто од случаите, гонореја е отпорна на азитромицин, а во речиси 11 отсто од случаите и на цефтријаксон, стои во истражување објавено во магазинот „Plos Medicine“.
„Оваа втора бројка е навистина загрижувачка, во однос на тоа дека за цефтријаксон моментално не постои замена. Тоа е последниот лек кој го користевме во третмани за лекување на гонореја“, изјави Ванеса Ален, директорка на одделението за микробиологија во корпорацијата Public Health Ontario, која не учествувала во истражувањето.
Научниците анализирале 3.000 примероци од гонореја во периодот од 2013 и 2016 година, и откриле дека процентот на примероци од Neisseria gonorrhoeae, кои биле отпорни на двете врсти на антибиотици, пораснал од 1.9 проценти на 3.3 проценти.
Иако тоа не се чини како голема разлика, секако значи дека бактериите стануваат се поотпорни. А ако единствените два лека против гонореја не функционираат, тоа значи дека сме во неволја.
Овие два антибиотика имаат две алтернативи. Првата е антибиотик гентамицин, кој не е идеален лек бидејќи може да предизвика проблеми со слухот и бубрезите. Вториот е меропенем, но припаѓа на истиот вид на лекови како и цефтријаксон, што значи дека најверојатно нема да биде ефикасен.
„Се чини дека одбранбените механизми на овие бактерии се побрзи од нашите способности за развивање на безбедни и ефикасни лекови. Што ќе се случи ако наскоро не пронајдеме нов лек? Се уште не е јасно“, вели Ален.
Гонореата е една од најчестите сексуално преносливи болести. Се проценува дека во светот секоја година се заразуваат околу 78 милиони луѓе.
Ако не се излечи, може да доведе до трајни здравствени проблеми, како стерилитет, долготрајна болка во стомакот кај жените, или инфекција на плодот кај трудници.