60 лица во Скопје се заразени со жолтица

На Скопје му се заканува епидемија на жолтица откако за неполни три месеци заболеле 60 лица. Професор и 14 ученици од неколку скопски училишта се дел од заразените со хепатит А. Болеста е регистрирана во речиси сите општини во главниот град и Сарај е на врвот со дури 14 заболени. 9 заразени има во Ѓорче Петров, осум во Гази Баба и седум се од Аеродром. Од скопскиот Центар за јавно здравје велат дека изворот на зараза не се училиштата, но имаат засилен надзор овој период со вонредни препораки до образовните установи за дезинфекција на просториите. На Инфективна клиника во моментот има 17 хоспитализирани пациенти со заразна жолтица од кои 10 се деца.

-Кога се малаксани, со изразено жолтило, повраќање, без апетит, ги хоспитализираме и го следиме текот на болеста, вели др. Марија Димзова од Клиника за инфективни болести.

Од Инфективна велат дека немаат заболени со сериозни компликации, но возрасните потешко ја прележуваат заразата од децата. Хепатит А е болест на нечисти раце и според инфектолозите личната и колективна хигиена е основна превенција од жолтица.

– Имајќи ја во предвид инкубацијата дека заразениот незнае дека ја има болеста, најдобра превенција е миење на рацете со вода и сапун, само така може да дојде до прекинување на заразата, вели др. Димзова за Сител.

За хепатит А постои вакцина, меѓутоа не е задолжителна. Инаку, во главниот град во 2014 година имаше епидемија од заразна жолтица која заврши со повеќе од 500 заболени.

Коментари

коментари

Напиши одговор

Вашата email адреса нема да биде објавена.